Раул: Дуелот со Вардар ќе биде специјален за мене, очекувам срдечен прием од фановите

Творецот на историскиот успех на Вардар и првата шампионска титула во ракометната елита во Европа, Раул Гонзалез, по подолго време повторно ќе седне на клупата во „Јане Сандански“, но овој пат како предводник на друг клуб. 

Екипата на ПСЖ е еден од противниците на нашиот шампион во новата сезона на Лигата на шампионите, а Раул не го криеше своето задоволство што повторно ќе ја почувствува атмосферата во Скопје и се надева дека ќе биде срдечно пречекан од вардаровите фанови. 

„Долго време не сум бил во Македонија, па сега ќе имам можност да се видам со моите пријатели таму. Сигурно тоа ќе биде специјален ден за мене, бидејќи првпат ќе се борам против мојот поранешен клуб. Очекувам срдечен прием од фановите во Скопје“, рече шпанскиот стратег. 

Покрај Раул, дуелот против Вардар ќе биде од големо значење и за летонскиот „џин“ Кристопанс, кој исто така за првпат ќе игра против својот поранешен клуб.