Раул Алонсо: Вардар секогаш „гине“ до крај, сега знам што нѐ чека во Скопје

Мешков Брест со победа над Вардар (24-22) ја отвори новаата сезона во Лигата на шампионите. Белорускиот првак не блескаше, ама освои полн плен, а тренерот Раул Алонсо им честита на ракометарите за борбеноста.

Шпанскиот стратег истакна дека Вардар уште еднаш покажал дека е тим кој „гине“ на терен до самиот крај, а победата го радува затоа што Мешков не одиграл на највисоко ниво, ама, сепак, не останал на крај со празни раце.

„Натпреварите со Вардар секогаш се тешки затоа што тие секогаш „гинат“ до крај. Среќен сум како победивме, игравме можеби во понизок ритам, имавме грешки и ја немавме контролата, но, наша цел беше да го победиме Вардар, без разлика на кој начин ќе го направиме тоа.

Честитки за играчите, се надминавме со борбата во хаотичниот финиш каде можеби бевме и посреќни. Ние ја развиваме играта на нашиот тим, можеби на овој дуел не игравме на највисоко ниво, ама многу ми е важно дека победивме. Сега знам дека ни следи тежок меч во Скопје“, изјави Алонсо.

Во следната рунда која се игра наредната седмица, Вардар ќе биде домаќин на норвешки Елверум, додека Мешков ќе гостува кај Порто.