Ратинген остана без столбот на одбраната, се повреди Ацо Јоновски

Тимот на Ратинген, каде настапуваат тројца македонски ракометари, со убедлива победа ја започна новата сезона во регионалната ракометна лига во Германија, откако со 25-31 славеше на гостувањето кај Коршенбројх.

„Македонскиот“ тим ова лето се засили и искусниот лев бек Филип Лазаров, кој им се придржи на Петар Ангелов и Ацо Јоновски, и со големи амбиции ја започна новата сезона. Во следното коло Ратинген ќе го игра дербито против Волф Нордхајм, но за овој меч тренерот Калид Кан нема да може да смета на својот најдобар дефензивец, односно на нашиот Јоновски, кој поради повреда е надвор од конкуренција за настап.

Засега не е позната тежината на повредата на македонскиот дефанзивец, а од клубот информираат дека по деталните прегледи ќе се знае колкав период ќе бидат без услугите на искусниот ракометар. 

Во дуелот против Коршенбројх, свое деби на официјален меч имаше Лазаров, кој беше втор стрелец во победничкиот тим со седум постигнати гола.