Распад на Црногорците во вториот дел, пеколен старт за „коцкестите“ на Червар

Црна Гора се надигруваше само едно полувреме, а потоа играта и ја препушти на Хрватска, која направи пресврт и стигна до воведна победа на Европското првенство (27-20).

Првиот дел не донесе голема разлика меѓу двете репрезентации. Црногорците беа целосно во игра и со подобар финиш стекнаа и минимално водство. За тоа најзаслужен беше голманот Симиќ кој врза неколку одбрани во низа, по кои неговата екипа направиј серија со која го изненади фаворитот.

Одличната одбрана беше карактеристиката која ги красеше црногорските ракометари. Липовина беше расположен за игра и не промаши ниту еден шут во воведното полувреме. Мариќ од линијата за шест метри во последните моменти ја намали разликата на 12-13, резултат со кој се замина на пауза.

Советите на Лино Червар вродија со плод по само неколку минути игра во продолжението. Хрватските репрезентативци врзаа серија од четири гола во низа и наметнаа свое темпо. Тоа беше почеток на крајот за противникот на „коцкестите“, кој ја загуби ефективноста во нападот и немаше шанси да приреди изненадување.

Циндриќ со шест и Мариќ со четири гола се истакнаа кај победникот, а Грбовиќ со шест гола беше најефикасен кај Црна Гора.