Ранетата Шведска прв мундијалски предизвик за Македонија во Каиро

Подмладената репрезентација на Македонија е пред голем предизвик, младите ракометари мора да кренат глас и да покажат дека треба посериозно да се смета на нив. Ако на претходните големи собири селекторите патуваа со поголем број искусни момци, сега сликата е променета. Иако без неколку важни имиња, Лазаров, Стоилов, Пешевски, Маркоски, Митревски и останатите мора да покажат што знаат.

Првиот противник, ни помалку ни повеќе, е барем на хартија најопасната репрезентација во групата Г, Шведска. Скандинавскиот тим е далеку најтрофеен и најуспешен во нашата група, но на овој Мундијал допатува значително ослабен, без клучни играчи и слично како Македонија ќе мора да се потпре на „младите лидери“. Без сомнение најопасен во редовите на Шведска ќе биде Џим Готфридсон, кој е и меѓу оние со најмногу голови (297) во сегашниот стандарден тим. Нему прв помошник се очекуваше да му биде Албин Лагергрен, ама доби позитивен наод на ковид-19 и отпадна од комбинација. Така, Даниел и Фредерик Петерсон и уште неколку помлади имиња ќе мора да го надополнат отсуството на ѕвездите. За Шведска на ова Светско првенство нема да играат Екберг, Нилсен, двајцата Нилсон, Јепсон, Апелгрен, Арнесон, Линдског, Ване и Лагергрен.

Традицијата, ако воопшто може така да се нарече по два официјални натпревари, е на страната на Швеѓаните со една победа и реми. Првпат на големите собири со скандинавскиот тим во жолт дрес се сретнавме во 2012 година во Србија, кога одигравме реми (26-26), додека подоцна во квалификациите за Олимписките игри загубивме (27-23). Сепак, бројните отсуства даваат надеж дека Македонија може и мора да се надигрува со Шведска.

Натпреварот во најмодерниот објект на овој Мундијал во Каиро е закажан за вечерва со почеток од 20:30 часот.