Ракометното дерби во Битола со две навивачки групи!

Викендов Битола ќе биде епицентар на ракометната јавност, бидејќи в сабота се игра дербито меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар во Суперлигата. 

Најава за ново супер-дерби е фактот дека повторно ќе има две навивачки групи на трибините. Откако тоа беше случај и на првиот меч во Скопје, сега и во Битола средбата ќе се игра со песна на „Чкембари“ и „Комити“. Скопските навивачи веќе го најавија гостувањето преку официјалниот профил на социјалните мрежи. 

По неколкуте случки и скандали на ракометните дерби дуели, некое време имаше на сила забрана за гостински навивачи. Сепак, на првиот меч во Скопје беа присутни и „Чкембари“, па сега иста шанса ќе имаат и „Комити“ на дуелот во Битола.

Натпреварот во „Боро Чурлевски“ се игра в сабота во терминот од 18:00 часот.