• Горан Упале
Младинската ракометна репрезентација на Македонија моќно го отвори Европското првенство во Словенија, откако ѝ одржа лекција на соодветната селекција на Црна Гора и со победа од 21-31 ги впиша првите бодови во групата А.
Нашите надежи фантастично го отворија денешниот дуел, на кој имаа и поддршка од македонските фанови. Мирче Калајџиески беше вистински лидер во нападот и нерешлива енигма за противникот. Во воведните минути младиот член на Еурофарм Пелистер 2 постигна четири гола и беше најзаслужен за брзото одлепување на нашата селекција.
По петнаесет минути игра на семафорот стоеше 3-7 за Македонија, по што црногорскиот селектор реагираше и повика минута одмор. Ништо ново не донесе ниту тајм-аутот, бидејќи нашите ракометари продолжија во ист стил, примија само уште два гола и на пауза заминаа со предност од седум гола (5-12).
Избраниците на Раде Стојановиќ не попуштија ниту по паузата. Македонија играше квалитетно и сигурно и во второто полувреме, па отворено остана само прашањето со која разлика ќе славиме. Во поголемиот дел од вториот дел имавме предност од шест до осум гола, но во финишот го подобривме впечатокот и извојувавме триумф од десет гола (21-31). Узунчев со осум гола беше најпрецизен во нашиот табор, а по пет имаа Шубашевски и Калајџиески,
Во следното коло, веќе в четврток, ќе се сретнеме со селекцијата на Хрватска, додека последниот натпревар од групната фаза го играме против Австрија, на 13 јули.