Ракометарките со успех над Турција, доаѓаат на чекор до сонот – бараж за СП 2019

Женската ракометна репрезентација на Македонија е во исчекување на последниот натпревар од групната фаза во квалификациите за Светското првенство (СП) кое во 2019 година ќе се игра во Јапонија. Последна пречка во групната фаза е Турција, против која мора да се слави...

Избраничките на Симовски одиграа фантастични натпревари со Азербејџан и Исланд, кои даваат за право да се надеваме дека последниот предизвик ќе биде „решен“ и ќе се дојде на еден чекор до остварување на сонот.

Ова е трет меч во три дена за нашите најдобри ракометарки, кои покажаа, посебно на мечот со Исланд, дека заслужуваат како први да ја минат оваа фаза. Турчинките имаат само еден триумф, над Азербејџан (32-26), а со Македонија имаат неколку меѓусебни дуели.

Последниот, кој се одигра на Медитеранските игри во Тарангона, заврши со победа на македонските ракометарки (31-26), а тимовите горе-долу се истите што настапија и на оваа средба.

Влезот за љубителите на ракометот е слободен, а натпреварот се игра од 20:00 часот во СЦ „Борис Трајковски.