Ракометарките се собраа во Скопје за дуелите со Германија и Словенија

Ракометната репрезентација на Македонија се собра утрово во Скопје за последните два натпревари од квалификациите за Европското првенство. 

Девојките на Кристијан Грчевски одговорија на повикот и се собраа во скопскиот хотел „Александар Палас“. Пред македонските ракометарки е краток период за тренинзи и адаптација, бидејќи веќе в среда се игра првиот натпревар од овој ЕХФ прозорец. 

Македонија ќе ја дочека Германија во СЦ „Борис Трајковски“ в среда во терминот од 18:00 часот. Од РФМ одлучија влезот во салата да биде слободен за девојките да добијат што е можно поголема поддршка. По овој натпревар, веќе на 12 април Македонија ѝ гостува на Словенија.

Шансите за пласман на континенталниот собир се релативно мали. Освен што треба да се изненади барем еден од фаворитите, ќе мора да се гледа и кон останатите групи каде што постојат безброј комбинации.