ФОТО: Ракометарките полни со емоции, Битола беше полн погодок!

Страста кон ракометот и хуманиот карактер на натпреварот беа полн погодок и ракометна Македонија уште еднаш одговори на предизвикот. Пред полна сала и со енергија каква што носат натпреварите на машката репрезсентација, ракометарките го стоплија срцето на нацијата. Иако не усоеаја во целта да се пласираат на Мундијал по скоро две децении, сепак ја остварија целта да играат во незапаметен амбиент и на еден ден да се почувствуваат како главни ѕвезди.

Ретко се гледа кај нас еден натпревар во кој по завршувањето слават и едната и другата селекција, гледачите не ги напуштаат своите места и сакаат да ги поздрават своите миленички, да го овековечат моментот со фотографија, снимка...

Уште од емотивното интонирање на македонската химна и едноминутното молчење за жртвите од трагедијата во Кочани можеше да се насети посебна атмосфера. Битолската публика се обиде да ги понесе ракометарките, стигнаа до егал и прво водство, но сепак полската селекција беше поквалитетна и се избори за втора бараж-победа.

По завршувањето на натпреварот полна со емоции беше Симона Маџовска, која во својот роден град и пред своето семејство и пријатели ја заврши репрезентативната кариера. Таа собираше честитки и подароци и последна ја напушти салата во која ја започна ракометната кариера.