Ракометарките на Србија ремизираа со Шведска за прво место, Холандија со пресврт ја совлада Франција

Во натпревар од последното коло на А групата на Европското првенство во ракомет, репрезентациите на Шведска и Србија во неизвесен натпревар на крајот ги поделија бодовите, играјќи 30-30. По денешното реми ракометарките на Србија во следната фаза пренсеуваат три бода, колку што носи и домаќинот Шведска. Во првиот денешен натпревар Шведска ја декласира Словенија со 30-18 за пласман во наредната фаза, но таму ќе има тешка задача бидејќи ќе биде без бодови.

Првото полувреме беше изедначено се до 17. минута, кога Ида погоди за 10-10. Од тој момент српските ракометарки направија серија од 6-1 и по голот на Лазиќ во 25. минута поведоа со 16-11. На одмор се замина со предност за Србија од 18-15.

По паузата Србија постигна два гола и повторно се одлепи на +5 (15-20). Во продолжение домаќинките носени од публиката константно ја намалуваа разликата и по голот на Хагман во 40. минута имаа 22-22. До крајот натпреварот беше изедначен, се играше гол за гол, а голот за конечни 30-30 беше дело на Лисчевиќ на три секунди до крајот. Најефикасна кај Шведска беше Санд со 9 гола, а кај Србија Лазиќ и Крпеж постигнаа по по 5 гола.

Во вториот вечерен натпревар од Б групата, ракометарките на Холандија ја совладаа Франција со 18-17. По првиот дел француските ракометарки имаа предност од +5 (7-12), но Холандија во вториот дел со гранитна одбрана и само пет примени гола направи целосен преврт и славеше победа од 18-17. Од групата Б сите репрезентации кои обезбедија наредна фаза, а тоа се Холандија, Франција и Германија пренесуваат по два бода.