• Мартин Танасковски

Женската ракометна репрезентација на плажа го доживеа вториот пораз на Европското првенство (ЕП) кое се игра во Португалија, овој пат загуби во два сета од Холандија.
Противникот беше двојно подобар од нашиот национален тим за кого овој настан е едно ново искуство. Првиот сет ракометарките го загубија со 12-28, додека во вториот, освоија само десет поени и истиот заврши 10-25.
Најдобра кај Холанѓанките беше Изабел Барнард со 14 поени, пред Меике Крујер со 13 поени, а кај Македонија, Бојана Диневска освои десет поени, пред Ана Марија Божиновска со четири поени, а Теодора Гулицоска и Ангела Јанкуловска имаа по два поени.
Претходно Македонија на Европското првенство во ракомет на плажа загуби и од Украина. Последниот меч за тимот на Мојсовски и Алтхаус е против домаќинот Португалија на 25 мај.