Ракометарките ги чекаат ривалите од третиот шешир во евро-квалификациите

На 20 март женските европски селекции ќе ги дознаат своите противници во квалификациите за континенталниот собир кој следната година ќе се одржи во Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција. 

Ждрепката ќе се одржи во романскиот град Клуж, а сите репрезентации ќе бидат поделени во четири шешири составени од по шест екипи. Сите пет земји-домаќини обезбедија автоматско учество на турнирот, додека останатите 24 тимови ќе се борат за преостанатите 16 места. Загарантирано учество имаат и трите медалисти од последното Европско првенство, а тоа се Норвешка, Данска и Унгарија. 

Белгија, Босна и Херцеговина и Литванија преку претквалификациите се пласираа во главната фаза, а тука ќе биде и нашата селекција, која се најде во третиот шешир, каде се уште репрезентациите на Украина, Португалија, Италија, Грција и Косово. 

Сите шешири за квалификациите за Европското првенство во 2026 година: 

Шешир 1: Франција, Шведска, Холандија, Германија, Црна Гора, Шпанија
Шешир 2: Словенија, Хрватска, Австрија, Швајцарија, Србија, Исланд
Шешир 3: МАКЕДОНИЈА, Украина, Португалија, Италија, Косово, Грција
Шешир 4: Фарски Острови, Финска, Израел, Босна и Херцеговина, Литванија, Белгија. 

Првиот дел од квалификациите ќе се одигра од 15 до 19 октомври годинава, а следната фаза од 4 до 8 март следната година. Двете првопласирани селекции од секоја група ќе обезбедат „виза“ за континенталниот собир, а тука ќе се приклучат и четири најдобри третопласирани тимови. 

Завршниот турнир на Европското првенство е предвиден од 3 до 20 декември.