Ракометарите на Германија ја совладаа Полска и стигнаа до олимписката бронза!

Актуелниот европски шампион Германија стигна до бронзата на ракометниот олимписки турнир, откако во натпревар за третото место ја совлада Полска со 25-31 (13-17).

Почетокот на натпреварот им припадна на полските ракометари и по голот на Дашек во 15. минута имаа +3 (8-5). Но, од тој момент се случи страшен пад на полските ракометари, па Германците со серија од 5-0 го зголемија водството од 10-8 во 21. минута. До полувреме Германија уште повеќе „нагази“ и на одмор замина со 17-13.

Во ист стил Германија го започна и второто полувреме и по голот на Рајхман во 37. минута имаше највисоки +6 (21-15). Избраниците на Душебаев до крајот не успеаа да се вратат во натпреварот и на крајот Германија заслужено славеше победа од 31-25. 

Најзаслужен за победата беше Рајхман со 7 гола, а  Генхајмер запиша 6 гола. Кај Полска, Лијевски и Крајевски постигнаа по 5 гола. На ракометниот турнир преостанува уште мечот за златото помеѓу Франција и Данска