• Мартин Танасковски
Ракометарите и стручниот штаб на суперлигашот Алкалоид беа дел од десеттиот пикник за вработените на компанијата „Алкалоид“ кој традиционално имаше и хуманитарен карактер.
Настанот се организира под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, а се обезбедија околу два милиони денари за организацијата СОС Детско село. Ракометарите и стручниот штаб на македонскиот суперлигаш беа на овој настан заедно со свои пријатели или членови на семејствата.
„Денес заокруживме значаен, 10-ти јубилеј на колективна солидарност на собирот кој прерасна во празник на хуманоста за сите алкалоидовци. Околу три илјади наши колеги и пријатели донираа средства преку Фондацијата ’Трајче Мукаетов’, кои ќе бидат наменети за СОС Детско село. Со оваа организација отпочнавме стратешка соработка во 2022 година со цел да ги олесниме тековните трошоци за децата под нивна закрила, едукативна поддршка, пристап до професионално советување и слично зашто секое дете заслужува посреќно и побезгрижно детство.“
Директорката за обезбедување фондови и комуникации на СОС Детско село, Силвија Брајовиќ, истакна : „Со ’Алкалоид’ веќе три години нè поврзува едно прекрасно партнерство, кое не само што ја покажува нивната посветеност како компанија туку и искрената грижа за најранливите во нашата заедница – децата без родителска грижа. Донацијата претставува продолжување на трета година кумство и поддршка на едно згрижувачко семејство за тековни животни трошоци и развојни потреби на децата, кои добиваат не само материјална помош, туку и љубов, сигурност и припадност“
Општествената одговорност е долгогодишен дел од традицијата на компанијата „Алкалоид“. Покрај во спортот, компанијата се залага и за подобрување, унапредување и за развој на заедницата во која дејствуваме.