Ракометарите ќе поделат 40.000 евра за првото место во квалификациите за ЕП

Ракометната сезона е завршена и како и претходните сите анализи водат кон успешна клупска и репрезентативна година. Сениорската репрезентација на Македонија се квалификува за Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска и тоа како првопласирана во групата и покрај смената на селекторот по првите два натпревари минатата есен.

Претседателот на Ракометната федерација. Живко Мукаетов на претходната седница на Управниот Одбор најави премија од 40.000 евра доколку сениорите бидат првопласирани во групата. Ракометарите наскоро ќе ја поделат премијата, а на 28 јуни ќе дознаат каде патуваат во јануари следната година во групната фаза,

Македонија шест пати учествувала на Европските првенства, почнувајќи од нашето деби во 1998 година, кога завршивме на 12-тото место. Нашиот најголем успех е петтото место од Европското првенство во Србија во 2012 година.

Шампионатот на стариот континент во јануари 2020 година ќе биде квалификациски и за Олимписките игри во Токио следното лето.