Ракометарите го прекинаа штрајкот, Металург ќе игра против Пролет

Екипата на Металург веќе подолго време е во континуирана криза, која пред неколку дена кулминираше со штрајк. Играчите одлучија да не тренираат додека не им се исплатат обврските кон нив, па дури имаше „закани“ дека нема ниту да играат натпревари.

Така, под знак прашалник беше ставено одржувањето на натпреварот против Пролет, во рамки од 12. коло во Суперлигата, прво од втората фаза во регуларниот дел. Но, последните информации од Автокоманда се позитивни и ракометарите веќе одработиле неколку тренинзи и денес ќе истрчаат на мегдан со градскиот ривал. Многу веројатно, металурзите постигнале некаков договор со раководството на клубот и ја продолжуваат битката за влез во плеј-офот во мак-елитата. Доколку се случеше спротивното, односно ракометарите и понатаму штрајкуваа, на поранешниот македонски шампион му се закануваше исклучување од лигата, доколку тимот не одиграше два натпревари во шампионатот.

Металург се соочува со големи проблеми уште од стартот на сезоната. Тимот го напуштија француските ракометари Кевин и Оливие Њокас, кои среќата си ја најдоа во Вардар 1961, си замина и Абдула Мане, а резултатите поради краткиот ростер и честите повреди не одеа според планот.

Покрај дуелот скопското дерби, денес ќе се одиграат уште три натпревари од 12. коло. Во Битола домашната публика ќе може да ужива во братското дерби меѓу Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2, во Струга ќе гостува Радовиш, додека возбудлив натпревар се очекува да има во Прилеп, каде домашниот тим ќе се судри со Бутел Скопје.