• Сашо Поповски
Екипата на ГОГ Гудме се наоѓа во Битола и ќе биде следниот противник на Еурофарм Пелистер во Европската лига.
Ракометарите на данскиот претставник наидоа на поларни услови во салата „Боро Чурлевски“. Тие тренираа со „зимска опрема“, а не беа задоволни од изгледот и грејните тела во соблекувалните. Сепак. вчерашниот тренинг мина во најдобар ред, а данскиот клуб не пријави забелешки и денес на техничкиот состанок на ЕХФ.
„Со нетрпение го очекуваме искуството, но нема сомнение дека покрај дуелот со тим како Еурофарм Пелистер, нè очекуваат низа други предизвици. Толку е ладно во салата што не боли да дишеме.
Остануваме во хотелот што е можно подолго и се подготвуваме, а потоа ќе возиме доцна до натпреварот“, изјавија од таборот на данскиот претставник.
Проблемот со условите за игра во битолската сала е децениски, а со најавеното енергетско реновирање се очекува истиот колку-толку да биде надминат.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и ГОГ Гудме се игра вечерва со почеток од 20:45 часот.





