Рајн Некар се „испоти“ за триумф кај Нексе, Кадетен го изненади Монпелје во ЕЛ

Ракометарите на Нексе се погрижија германскиот гигант Рајн Некар Левен сериозно да се „испоти“ во Нашице, па во првата средба од осминафиналето на Европската лига на ЕХФ, пружија силен отпор, но загубија со 25-27 (14-13). 

Хрватската екипа беше целосно рамноправна до последните десет минути, дури и долго имаше предност, но искуството си го направи своето и Рајн Некар успеа да победи во Нашице. Нерешлива енигма за Нексе беше Џери Толбринг кој со седум голови беше најзаслужен за триумфот на „лавовите“. Кај ривалот, пак, со исто толку реализации се истакна Халил Јагањац. 

Тесна победа запиша и швајцарскиот Кадетен Шафхаузен кај Монпелје, откако успеа да го шокира фаворитот и со реми да патува за реваншот (27-27). Иако францускиот тим беше во пол-позиција да направи добар резултат, во вториот дел Кадетен покажа зрелост и успеа да го изненади Монпелје. Во трилер завршница домаќинот успеа да извлече нерешен исход, па ако е за утеха имаат активен резултат. Уго Деска од Монпелје беше најефикасен играч на натпреварот со осум погодоци, додека Јонас Шелкер даде седум погодоци.

Слично како и Кадетен и Рајн Некар, во терминот од 18:45 уште еден од противниците на Еурофарм Пелистер од групната фаза, запиша тесна победа во првиот нокаут дуел. ГОГ Гудме иако важеше за апсолутен фаворит, расположената ЦСКА Москва ги измачи и Данците победија со 33-31. ГОГ константно водеше со по неколку голови, но Русите не се откажуваа, па со само два голови негатива ќе го дочекаат реваншот. Михаил Виноградов со осум голови ја предводеше ЦСКА, додека еден помалку даде Матиас Гидсел на спротивната страна.