Рајн Некар Левен и Талески ја завршија годината со рутинска победа кај Штутгарт

Филип Талески РНЛ

Филип Талески и Рајн Некар Левен остварија уште една победа во Бундеслигата и ја потврдија лидерската позиција на табелата во пресрет на едномесечната пауза. „Лавовите“ денес се радуваа на гостувањето кај Штутгарт (23-29), што за нив беше 16. сезонски триумф.

На денешниот меч преовладуваше рутинската игра на гостите од Манхајм, кои го контролираа дуелот од почеток до крај. Домашните ракометари се надигруваа само 20-ина минути, а потоа следуваше серија на РНЛ, која им донесе предност од +3 на паузата (13-16).

Во исто темпо се продолжи и во вторите 30 минути, кои не донесоа ништо ново, кога е во прашање победникот. Лидерот на табелата го одржуваше водството и до крајот успеа и да го зголеми за победнички крај на 2017 година.

Нашиот Талески не доби шанса на денешниот натпревар, кој утре заедно со Филип Миркуловски ќе се врати во Скопје и ќе им се приклучи на подготовките на нашата репрезентација за ЕП во Хрватска.