Рајн Некар го загуби германскиот Суперкуп и „ранет“ доаѓа кај Вардар во Скопје

Трофејот од германскиот ракометен Суперкуп сезонава патува кај екипата на Кил. Четирикратниот европски шампион триумфира преку силниот Рајн Некар Левен, по подоброто изведување пенали. Конечниот резултат во регуларното време гласеше 33-33 (16-16).

Десетилјадната публика во Дизелдорф беше сведок на ракометен спектакл, а актерите на теренот ги почестија присутните со атомска игра на двете страни. „Зебрите“ беа во негатива на само една минута пред крајот, но голот на Никлас Егберг ги одведе екипите во пенал-рулетот, каде Кил беше поуспешен. 

Голманите Мрква и Шпет беа на висина на задачата и одбранија по два удари, а последниот погодок беше дело на шведскиот лев бек, Ерик Јохансон. Кил ја завери пенал-серијата со резултат 4-3 и стигна до престижниот трофеј кој дава убава увертира за претстојните возбудувања во ракометната Бундеслига

Поразениот тим на Рајн Некар за само два дена пристигнува во Скопје, каде ќе се соочи со Вардар 1961 во квалификациите за пласман во Европската лига на ЕХФ. „Црвено-црните“ ќе имаат тешка задача против германскиот гигант, но сепак, шансите за изненадување и добра игра секогаш постојат.