Радовиш се раздели со тренерот и капитенот, основале нов клуб во градот

Ракометниот клуб Радовиш ја информира јавноста дека досегашниот тренер Спасе Георгиев и капитенот на екипата Здравко Постолов повеќе не се дел од клубот.

Ваквата одлука како што информираат од клубот е донесена поради нивното дејствување како основачи на нов ракометен клуб во градот, реализирано на начин што РК Радовиш го оценува како неетички, нефер и спротивен на основните спортски принципи.

Од РК Радовиш велат дека со оваа постапка е нанесена директна штета врз угледот и интегритетот на клубот, кој со години вложуваше значителни ресурси и доверба во нивниот развој како спортисти и професионалци.

РК Радовиш, како клуб со долгогодишна традиција и значајно место во Суперлигата, истакна дека нема да толерира дејствија што го нарушуваат неговиот кредибилитет и вредносен систем. Во иднина, клубот ќе продолжи да делува принципиелно, со јасна определба за заштита на сопствените интереси и зачувување на угледот.