Радовиш се разбуди во вториот дел и очекувано го надигра Астраион

Радовиш го одбрани домашниот терен во дуелот со Астраион Хендбол (36-27), откако заигра подобро во вториот дел и направи пресврт.

Фенерџијата во Групата А во македонската Суперлига стоеше одлично во првиот дел и дури изгради предност во однос на ривалот. Меѓутоа попушти физички во продолжението и го запиша шестиот сезонски пораз.

Долго време резултатот беше израмнет, а водството се менуваше на двете страни. На крајот од полувремето гостинските ракометари направија мини-серија и го зададоа првиот удар. Резултатот на полувреме гласеше 13-17, што беше мотивација за домаќинот да излезе и да се прикаже во подобро светло во остатокот од мечот.

Тоа го направи со одлична игра во одбрана во првата половина од вториот дел. Дозволи да прими само четири гола, а реализира дванаесет на спротивната страна. Тоа беше период кој го овозможи пресвртот на радовишани, кои на крај рутински се израдуваа на нови бодови против Астраион.

  • Комплетниот натпревар меѓу Радовиш и Астраион Хендбол: 

Стојановски со осум и Илиев со седум гола се истакнаа кај домашната екипа, а Караиванов постигна седум погодоци за гостите.