Радовиќ: Победивме на најубав начин, уживање е да играш во Битола!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер дојдоа до последното место на завршниот турнир во СЕХА лигата, победувајќи го Мешков Брест по изведувањето на седмерци (27-26). Мирко Радовиќ беше единствениот кој промаши во пенал-серијата, меѓутоа пелистерци на крајот славеа, бидејќи Белорусите не реализираа два казнени удари. 

По мечот, миленикот на битолската публика беше одушевен од поддршката и атмосферата, ги пофали навивачите и го прокоментира триумфот. 

„Како да не стегнете заби кога играте со овие момци и пред ваква публика, нема нешто што може да ме спречи да играм. Сакам да ѝ се заблагодарам на публиката, на ваквите навивачи, ова е една неверојатна атмосфера, уживање е да се игра тука ракомет. Би кажал дека и играчите покажаа еден невиден карактер. Дури и кога примивме гол во последната секунда, стиснавме заби и победивме на пенали, на најубав можен начин. Сега одиме на завршниот турнир“, кажа Радовиќ. 

Унгарски Веспрем стои на патот на Еурофарм Пелистер на премиерниот настап на завршните турнири во регионалната лига.