Радовиќ: Чест е да се крене трофејот како капитен на Еурофарм Пелистер

Ракометна Битола слави првенствена шампионска титула по пауза од 18 години. Еурофарм Пелистер успеа да го крене трофејот во долга и драматична сезона. Вечерва во преполната сала „Боро Чурлевски“ се славеше, капитенот Мирко Радовиќ влезе во историјата како еден од ретките кои во името на славниот клуб го доби пехарот. 

Сепак, скромниот Црногорец оваа победа ја посвети на соиграчите. Радовиќ нагласи дека тимскиот дух е клучниот адут на битолчани во својот поход, а не испушти шанса да ја поздрави и публиката.  

„Секоја чест на публиката. Чувството да се крене трофејот пред нив е неверојатно. Чест е да се крене трофејот како капитен на Еурофарм Пелистер. Сепак, ние сме сите еднакви, јас се водам како капитен, меѓутоа ова е заслуга на сите соиграчи кои се ѕвезди. Се уморивме доста, имавме подеми и падови, но на крајот успеавме да ја исполниме целта“, изјави Радовиќ. 

Пелистерци вечерва ќе продефилираат со пехарот во Битола, ќе се појават на прославата организирана во чест на шампионската круна и ќе го продолжат своето славје.