• Горан Упале

МРК Куманово ги започна подготовките за новата суперлигашка сезона, а тренерот Александар Саша Радосављевиќ порача дека пред екипата е нова приказна со изменет играчки кадар и нови предизвици.
Искусниот стратег истакна дека е задоволен од сработеното во летниот преоден рок и верува дека петте нови ракометари ќе донесат дополнителен квалитет во тимот.
„Имаме изменет играчки кадар, дел од ракометарите заминаа, а пристигнаа нови засилувања. Верувам дека со својот квалитет ќе ни помогнат да го подигнеме нивото на играта“, изјави Радосављевиќ.
Подготовките ќе се реализираат во Куманово, а до стартот на шампионатот, кој е закажан за 6 септември, тимот ќе одигра четири контролни натпревари против Младост Богданци, Врање и Мулти Есенс, со можност да биде договорен и уште еден тест-меч.
Тренерот потенцираше дека примарната цел повторно ќе биде обезбедување опстанок во Суперлигата, но нагласи дека сака неговиот тим да игра препознатлив и модерен ракомет.
„Најважно е да бидеме максимално подготвени и борбени на секој натпревар. Сакам да играме модерен, допадлив и убав ракомет, кој ќе донесе резултати и ќе ги израдува нашите навивачи“, додаде стратегот на Куманово.
Радосављевиќ истакна дека покрај резултатите, клубот ќе продолжи сериозно да работи и со младинските категории, кои остануваат важен дел од долгорочниот развој на МРК Куманово.
