Радосављевиќ: Од овие млади играчи сакам да направам репрезентативци на Македонија

Македонскиот ракометен суперлигаш Куманово, под водство на српскиот ракометен стратег Александар Радосављевиќ, ги стартуваше подготовките за продолжението од сезоната во Суперлигата.

Радосављевиќ во својата кариера  зад себе има богато ракометно тренерско искуство и знаење, кое во периодот кој следи ќе го пренесе на младите ракометари на македонскиот тим.
Првите денови интензивно се работи на физичката подготовка и запознавање на екипата со новиот стратег, кој по доаѓањето во Куманово изрази задоволство што ќе биде дел од кумановскиот суперлигаш.

„Навистина ми е мило и за мене е голема чест што ќе бидам дел од тимот на МРК Куманово и ќе ја предводам оваа екипа. Ме радува фактот што доаѓам и ќе работам во најсилната лига на Балканот, како што е македонската Суперлигата и во држава каде ракометот е спорт број еден.

Што се однесува до МРК Куманово, уште од почетокот ми се допадна тимот затоа што станува збор за релативно млада и амбициозна екипа која има желба за докажување, управа која комплетно стои зад екипата и ги обезбедува максимално сите услови нормално да се работи.

Исто така како тренер ќе се обидам да играме допадлив и брз ракомет и во текот на сезоната од натпревар во натпревар да растеме како екипа квалитативно и резултатски. Имаме кратко време до стартот на вториот дел од првенството на 7 февруари и за тој краток временски интервал ќе гледаме да што подобро се подготвиме пред новите предизвици кои се пред нас. Нашата прва цел ќе.биде да обезбедиме опстанок и да ги афирмираме младите играчи кои се дел од нашата екипа и ќе треба да се темел на нашиот тим.

Токму поради тоа мене како тренер најмногу што ме привлече да дојдам да работам во Куманово е визијата и стратегијата на управата на клубот е да ги афирмираме младите македонски играчи и еден ден да бидат дел од репрезентацијата на Македонија“, рече новиот тренер на Куманово.

По осумнаесет одиграни кола во Суперлигата, Куманово е на десеттото место со само седум освоени бода. 

ФОТО: МРК Куманово / Тијана Додевска