Радичевиќ: Трансферот во Скопје беше прав избор, жалам само за ЛШ

Црногорската ракометна репрезентативка Јованка Радичевиќ беше една од ѕвездите кои настапуваа во проектот на ЖРК Вардар. Во интервју за руски „Спорт“, таа говореше за кариерата и одлуките, а трансферот во Скопје го оцени како полн погодок.

33-годишното крило беше дел од ЖРК Вардар од 2013 до 2018 година, а си замина кога дојде крајот на целата ракометна приказна. Вели дека трансферот во Скопје бил вистински избор, а жали само затоа што не ја освоила ЛШ со „црвено-црните“.

„Кога си заминував од Ѓер, добив интересна понуда од Вардар. Трансферот во Скопје беше прав избор. Се чувствував комотно во градот, ми беше како втор дом. Исто беше и за Македонија како земја во целост, како и за тимот, ми се допаѓаше едноставно се. Поминав пет прекрасни години во Вардар. Жалам затоа што не ја освоивме Лигата на шампионите, иако дојдовме до финалето два пати“, вели Радичевиќ.

Радичевиќ моментално настапува во црногорскиот ракометен гигант Будуќност, а покрај за Вардар во кариерата играше уште и за ЦСМ Букурешт и Ѓер.