• Горан Упале
Поранешната вардарка, Јованка Радичевиќ, од следната сезона ќе има нов клуб, откако денес стави потпис на договор со словенечки Крим Меркатор.
По кратката авантура во Турција, каде што настапува за Кастамону, црногорската ракометарка од сезоната 2022/23 ќе тресе мрежи во еден од најдобрите и најуспешни женски ракометни колективи во Словенија.
„Горди сме што Крим Меркатор е клубот во кој Јованка Радичевиќ ќе ја продолжи кариерата. Таа е квалитетна ракометарка која во Љубљана ќе се обиде да го надгради својот потенцијал. Составот на тимот за сезоната 2022/23 веќе ја доби својата прва форма. Јованка, добредојде во нашиот тим“, рече Деја Ивановиќ, спортски директор на Крим Меркатор.
Радичевиќ во новиот клуб одново заедно ќе игра со Андреа Лекиќ, исто така поранешна ракометарка на Вардар.