Радичевиќ 12 пати ја „тресеше“ Ангола, Србија и Норвешка убедливи

Јованка Радичевиќ ја предводеше Црна Гора до прва победа на Мундијалот во Шпанија, против Ангола од 30-20. Поранешната ракометарка на ЖРК Вардар одигра симултанка, постигна дванаесет погодоци и беше главен фактор во триумфот на нејзината селекција. Така, по поразот од Словенија во првото коло, Црна Гора запиша и прво славје, па математички си обезбеди пласман понатаму. 

Покрај Радичевиќ со дванаесет, во црногорскиот тим се истакна и Плетикосиќ со пет погодоци, додека кај Анголките најпрецизна беше Гуиало со шест реализации. 

Ракометарките на Србија и официјално се пласираа во втората фаза на Светското првенство за дами, откако ја декласираа селекцијата на Камерун со 43-18. Со двете победи над Полска и Камерун, репрезентативките на Србија се во одлична позиција и ќе се борат со Русија за првото место во групата Б. Во убедливата победа се истакнаа српските сестри Агбаба со шест и седум погодоци, а во Камерун најпрецизна беше Екох со седум. 

Норвежанките демонстрираа сила и со огромни 41-9 против Иран запишаа нови два бода на турнирот во Шпанија. Со распоредена минутажа, во натпревар кога играа сите ракометарки, скандинавскиот состав дојде до огромна победа. Најдобра поединка беше Јакобсен со седум гола на своето конто.