Работнички го изненади Бутел и направи збрка за место во плеј-офот

Работнички приреди големо изненадување и го совлада Бутел како гостин во СЦ „Јане Сандански“ со 21-23 (11-12) во натпревар од седмото коло од групата Б на Суперлигата. Со оваа победа битката за плеј-офот е уште пожестока и понепредвидлива. Бутел првпат е поразен и веројатно овој пораз нема да влијае на пласманот на екипата на Грчевски во разигрувањето. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Бутел и Работнички: 

Гостите почнаа без респект и Ќосевски и Ончев погодуваа во серија. По првиот дел, кој беше израмнет и дури шест пати резултатот беше егал, Работнички минимално водеше со 11-12 и упати закана до екипата на Бутел.

Вториот дел започна со голови на Давид Савревски и Тоше Ончев и во 34. минута Работнички поведе со највисоки +3. Печенковски постигна два неодговорени гола, но Ончев ја одржуваше предноста од 2-3 гола за гостите. Со 18-21 се влезе во последните десетина минути, но ракометарите на Бутел беа целосно надвор од ритам. 

Бутелци често грешеа и цврстата одбрана на Работнички го приведе натпреварот кон крај со изненадувачка победа од 21-23. Најефикасни во тимот на Бутел беа Печенковски со четири и Ѓорѓиевски со пет гола, а кај Работнички се истакнаа Ончев со седум и Ќосевски со четири погодоци..

Во пладневниот термин Тиквеш го совлада Младост со 32-25, а попладнево играат Радовиш - Астраион Хендбол и Охрид - Голден Арт КЛ7.