Работата на Јовиќ даде резултат – „избрусено“ првото засилување за Еурофарм Пелистер!

Иако и пресна и во прва фаза на реализација, се чини дека „Платформата за ракометна Битола“ го дава очекуваниот и посакуваниот резултат. Првиот тим на Еурофарм Пелистер веќе се изгради како сериозен и конкурентен тим, притоа бележи и одлични резултати на меѓународна сцена, а по вистинскиот пат се движи и вториот тим, предводен од стратегот Александар Јовиќ.

Еурофарм Пелистер 2 одигра сосема солидна полусезона во Суперлигата и заслужено доби место меѓу најдобрите во шампионатот, но она што најмногу ги радува битолчани е фактот дека по само шест месеци „двојката“ го даде она што најмногу се очекува од неа – играч за првиот тим.

Тоа и се случи пред неколку дена. Тимот предводен од Жељко Бабиќ остана без услугите на своето прво решение на лево крило, Бојан Маџовски, па раководството на клубот мораше експресно да реагира и на хрватскиот стратег да му доведе ново решение на таа позиција. На крај, дупката која што ја остави повредениот Маџовски е пополнета со ракометар на Еурофарм Пелистер 2, откако пред два дена потпис на договор со вицешампионот стави младиот Цветан Кузманоски. 

Струшкото крило, како голем талент и ракометар кој може многу на напредува, во редовите на вториот битолски клуб пристигна пред почетокот на оваа сезона. Секако голема заслуга за тоа има неговиот матичен клуб Струга, но под водство на Јовиќ и неговиот стручен штаб за само шест месеци се изгради во играч кој може да одговори на поголеми предизвици, па неговиот сон веќе стана реалност. Дебитираше за Македонија на СП во Египет, а сега ќе има можност да се натпреварува во СЕХА лигата, Европската лига и да се бори за трофеите во македонскиот шампионат. Можеби некој ќе рече дека учеството на Кузмановски на СП е поради повредите и откажувањата, но да не заборавиме дека на таа позиција во Македонија има уште неколку квалитетни ракометари со поголемо искуство од 21-годишниот стружанец. Но, тогаш Брестовац, а и сега Лазаров довербата му ја даваат на поранешниот прв стрелец на Струга.

„Прекомандата“ на  Кузманоски е првиот производ кој го даде Еурофарм Пелистер 2, а сигурно нема да биде и последен. Целта на раководството и тренерот Јовиќ беше, а и ќе биде во иднина - добра селекција и собирање на најдоброто од Битола и Македонија и потоа брусење до првотимски статус. Овој начин на работа кој го спроведува вториот тим на битолчани нималку не е лесен и едноставен. Само за споредба Вардар со сите перфектни услови кои ги имаше низ годините и вложувањето во вториот тим, успеа да „изгради“ само еден играч за првиот тим.

Секако, кога станува збор за млади македонски играчи, не смее да се заборави или изостави работата на Металург, кој е вистински расадник на талентирани играчи од нашата држава, а во последниот период голем акцент на домашни играчи ставаат уште неколку суперлигаши, што секако е позитивна работа за развитокот на нашиот ракомет.