ПСЖ задржа два клучни ракометари на долг период

Пари Сен Жермен соопшти дека е договорено продолжување на соработката со Камил Шипржак и Лук Стеинс.

Камил Шипржак се согласи да ја продолжи соработката до јуни 2025 година. Овој полски репрезентативец дојде во ПСЖ во летото 2019 година. Горостасот од Полска игра како пивотмен и во кариерата, покрај за Барселона, настапуваше и за Висла Плок. Откако пристигна во Париз, Шипржак со ПСЖ освои три титули на Франција и два Купа на Франција.

„Ова продолжување на договорот за мене е логично решение на двете страни. Пари Сен Жермен се стреми кон извонредност и тоа ја зајакнува мојата желба да бидам долгогодишен играч на таков клуб. Од многу причини се чувствувам добро во овој клуб и во овој град, што ми овозможува да го играм најдобриот ракомет во кариерата. Имам и чувство дека можам да одам чекор понатаму со останувањето во Париз и многу сум среќен поради тоа. Сигурен сум дека сè уште можам да придонесам за тимот и да им дадам на нашите навивачи многу задоволства во наредните сезони“, изјави Камил Шипржак.

Францускиот првак потпиша новиот договор со холандскиот репрезентативец Лук Стејнс. Тој ќе остане во Париз до летото 2026 година. Холанѓанецот втора година по ред е избран за најдобар играч на францускиот шампионат, а годинава се најде во идеалната постава како најдобар среден бек на првенството.

Стеинс пристигна во ПСЖ во ноември 2020 година од Тулуз како замена за повредениот Никола Карабатиќ.

„Многу сум среќен што ќе ја продолжам оваа убава приказна со Пари Сен Жермен. Минатата сезона беше неверојатно искуство, со неверојатен рекорд од 30 победи во 30 првенствени натпревари и титула во Купот на Франција. Заедно со моите соиграчи нашето внимание сега е насочено кон следната сезона. Многу сум почестен од довербата што ми ја укажа клубот. Со нетрпение очекувам да возвратам со тоа што ќе се претставам најдобро што можам на теренот и ќе освојам бројни трофеи со тимот“, рече Лук Стеинс.

Следна цел на тимот, воден од бившиот македонски селектор Раул Гонзалез, е освојување на Лигата на шампионите.