ПСЖ шампион на Франција, Нант ја прекина серијата порази

По три последователни порази и елиминација од Европската лига, ракометарите на Нант им се вратија на победите и во пресрет на последниот месец од сезоната во францускиот шампионат, имаат најголеми шанси за вицешампионската титула и место зад новиот првак ПСЖ. Нант извојува победа на гостувањето кај Лимож со 23-31 (11-14). Алберто Ентрериос се соочи со својот иден клуб и Нант одигра многу подобар натпревар од пред една недела против Екс Прованс или од дуелот во вторникот во Магдебург.

Валеро Ривера со девет гола пак беше најефикасен поединец во победничката екипа, а Ајмерик Мин со четири гола беше веднаш зад него. И на овој натпревар блескаше шведскиот голман Олсен со осумнаесет одбрани и 47% успешност на интервенции. Во поразениот табор Словенецот Јуре Доленец постигна шест гола, а неговиот сонародник Гајиќ беше автор на пет гола. Нашиот Кирил Лазаров не настапи заради повреда, здобиена на дуелите меѓу македонската и чешката репрезентација.

ПСЖ го совлада Монпелје со 37:33 и математички ја осигура титулата, и тоа на пет кола до крајот. Со 25 победи на исто толку натпревари екипата на Раул Гонзалез има недостижни единаесет бодови пред второпласираниот Нант. 

Во следното 26. коло Нант ќе го пречека Сесон Рен, а во меѓувреме ќе се бори и за пласман во финалето на Купот на Франција, кое ќе се одигра во Париз на 11 јуни.