ПСЖ се „прошета“ низ Целје, Митревски собра 13 одбрани со Алборг

Ракометарите на ПСЖ рутински ја добија првата средба од осминафиналето во Лигата на шампионите кај Целје со 24-37 (11-21). Избраниците на Раул Гонзалез одиграа моќно прво полувреме, па го спуштија темпото во продолжението и убедливо славеа на гостувањето во Словенија. 

Со добро отворање парижани веднаш се одлепија и бргу поведоа осетно, а со серија од 5-0 дојдоа на девет голови позитива. До полувремето разликата порасна и дојде на двоцифрени 11-21 кои фигурираа на паузата. Во продолжението гигантот го смири темпото, рутински ја доработи работата и слави со висока разлика. 

Левото крило Дилан Нахи со десет погодоци и Феран Соле со девет беа најдобрите адути во тимот на ПСЖ, додека Млакар кај Целје даде седум, а Драгашевиќ шест. 

Во Португалија, екипата на Порто го дочека Алборг и слави со 32-29. Данскиот претставник добро парираше, иако Португалците во неколку наврати се одлепуваа и дојдоа до шест голови предност, Алборг пак се врати до егал. Во вториот дел по израмнувањето се играше гол за гол, ама Порто покажа сила и победи на домашниот дуел. 

Најдобри стрелци на натпреварот Итуриза од Порто и Бартолд од Алборг со по осум реализации, а добра партија имаше Николче Митревски меѓу стативите со вкупно 13 одбрани.