• Саше Љолес

Ракометарите на Пари Сен Жермен вторпат го совладаа Кил и се пласираа на „фајнал-фор“ турнирот во Лигата на шампионите. Парижаните беа сигурни на домашен терен и славеа со резултат 32-29.
Гостите од Германија за нијанса подобро го отворија натпреварот и имаа минимално водство во три наврати. Но, потоа ПСЖ ги презеде полека работите во свои раце и ја направи првата разлика од „плус четири“ пред крајот на првиот дел. Кил успеа малку да го ублажи „ударот“ и на полувреме францускиот тим водеше со 17-15. Даинис Кристопанс беше расположен за игра уште во првото полувреме кај ПСЖ и го преводеше својот тим во нападот.
Второто полувреме донесе уште посилно темпо на парижаните кои поведоа со 22-17, а потоа и со 25-20. Кил се одржуваше во живот преку Сагосен и Екберг, но ПСЖ цело време имаше предност од три до пет голови. Во продолжение бевме сведоци на слична слика и ПСЖ со истата предност влезе во последните минути од мечот. Гостите останаа без „муниција“ во финишот. Тимот од Париз успеа да го затвори мечот во своја полза со резултат 32-29 и се пласира меѓу четирите најдобри во елитното натпреварување.
Најдобар поединец кај Пари Сен Жермен беше Даинис Кристопанс со шест голови, додека Лук Стајнс и Петар Ненадиќ забележаа уште по пет. Кај Кил најрасположени за игра беа Екберг и Оверби со по пет постигнати голови. „Фајнал-фор“ турнирот и сезонава ќе се одигра во „Ланксес Арена“ во германскиот град Келн и ќе започне на 17 јуни, а големото финале се игра ден подоцна.