ПСЖ ја прекина црната низа и го здроби Динамо, Алборг триумфално во Сегед

Ракометарите на ПСЖ ја оправдаа фаворитската улога и славеа на гостувањето кај Динамо Букурешт со убедливи 33-40 во натпреварот од десеттото коло во Лигата на шампионите. 

Мечот кој се играше во рамки на групата А, каде се натпреварува и Еурофарм Пелистер, имаше прилично едностран тек и домашните навивачи немаа премногу причини за задоволство. Францускиот гигант уште на паузата водеше со огромни 14-21, а до крајот на мечот само ја потврди шестата победа сезонава и стави крај на низата од два последователни порази. 

Данецот Холм и Еѓипќанецот Омар беа најдобри во редовите на „светците“ со девет, односно осум гола, додека кај Динамо Букурешт шест гола даде Исланѓанецот Трастарсон. 

Во натпреварот од групата Б, ПИК Сегед и Алборг прикажаа тврда и незивесна игра во текот на сите шеесет минути, а на крајот гостите успеаја да извојуваат победа со конечни 30-32. 

Најдобри поединци кај Алборг беа Арнолдсен и Турин со по осум голови, додека кај ПИК Сегед дури 12 погодоци постигна Хрватот Марио Шоштариќ.