• Горан Упале
Екипата на Еурофарм Пелистер одигра уште еден неверојатен натпревар во Лигата на шампионите и пред својата публика грабна голем бод против моќниот Пари Сен Жермен. Во Битола македонскиот шампион со гол во последните секунди на Дејан Манасков се избори за реми против ѕвездениот тим од Франција (34-34).
На денот кога раководството на клубот и Општина Битола потпишаа продолжување на соработката, ракометарите го одиграа еден од најдобрите натпревари во елитата сезонава, долго време бркаа негатива од два-три гола, па поведоа со два гола, а во последните две минути влегоа со -2. Но, честопати во спортот среќата ги следи храбрите, а така беше вечерва и Манасков со гол во последните секунди ја израдува Битола со голем бод.
Тренерот Стевче Алушовски и за овој натпревар се реши за проверени сили. Во составот изоставени беа младите Хаџиќ, Калајџиовски и Брестовац, а во тимот одново беше зимското засилување Никола Граховац. На спротивната страна ПСЖ во Битола допатува со цел „арсенал“ – Стеинс, Шипжак, Омар Јахија, Пранди... а солидна минутажа доби и поранешниот пелистерец Матео Мараш, кој во салата беше пречекан со овации.
Бековската тројка Хенигман, Видомски и Кузмановски го отвори натпреварот во дресот на Еурофарм Пелистер со јасна порака – дека вечерва нема да има калкулации. Сите тројца беа прецизни уште од првите обиди и најавија жестоко надигрување. Сепак, и францускиот гигант ПСЖ одговори со ист интензитет, па по пет минути игра семафорот покажуваше израмнети 4-4.
„Светците“ први ја искористија малата празнина во играта на домаќинот и со мини-серија од два гола стигнаа до прва позначајна предност. На голот кај битолчани следуваше промена, па шанса доби Иранецот Саид Хеидарирад, кој внесе дополнителна сигурност. Темпото остана пеколно, се играше брзо, со многу транзиции и лесни погодоци на двете страни.
Во тие моменти гостите пропуштија неколку „златни“ можности, Соле врза четири промашени зицери, но „зелено-белите“ не успеаја целосно да профитираат. Техничките грешки почнаа да се множат, а во 17. минута францускиот шампион се одлепи на највисоки четири гола разлика (9-13).
Сепак, пелистерци не дозволија резултатска криза. Со зголемена агресивност во одбраната и поконкретни решенија во нападот, брзо ја стопија негативата на само два гола. Имаше и шанса за целосен кам-бек, но два шута кон празната мрежа останаа неискористени. За среќа на домашните, и противникот влезе во период на грешки, а Хосни и Тајник со индивидуални акции ја одржуваа надежта жива. Во самиот финиш од првото полувреме, искуството на гостите сепак дојде до израз. Тунискиот бек најпрво направи пробивање, а потоа заработи и исклучување од две минути. ПСЖ го искористи тоа и на полувреме замина со резултат од 15-18.
Капитенот Кузмановски експлодира на стартот од вториот дел, постигна два гола во низа, а потоа стрелаше и Манасков и македонскиот шампион по подолго време стигна до израмнување (18-18). Но, и ПСЖ забрза со својата игра, Стеинс конечно проработи и францускиот тим одново се врати на позитива од три гола.
Возбудувањата во Битола продолжија, а една сомнителна судиска одлука повторно ја налути битолската публика. Шипжак по третпат застана на линијата од седум метри и повторно беше прецизен за 22-24. Следуваше нов блесок на капитенот (асистенција и гол) и ново израмнување на пелистерци 24-24. Во 47. минута „зелено-белите“ ја имаа првата можност за водство и ја искористија, откако Кузмановски погоди од седум метри (27-26).
Атмосферата во битолската сала дополнително се вжешти, Тајник одново ја изигра противничката одбрана и капитенот пак беше прецизен од пенал, а по одбраната на Хеидарирад, словенечкиот среден бек реализира од индивидуална акција и Еурофарм Пелистер првпат поведе со два гола разлика (29-27).
Мадсен мораше да повика тајм-аут и да го консолидира својот тим, а тоа се покажа како вистински потег. ПСЖ го возврати ударот и со три гола во низа го врати водството на своја страна. Последната минута одмор ја искористи и Алушовски, пелистерци влегоа со нешто поатресивна и поризична игра, и тоа им се исплати, затоа што во самиот финиш прво Хеидарирад запиша нова одбрана, а Манасков нешто пред звукот на сирената погоди за голема радост на трибините и реми против моќниот противник (34-34).
И вечерва блескав натпревар имаше Филип Кузмановски. Капитенот постигна десет гола, а одлични беа и Манасков со пет и Видомски, Тајник и Хенигман со по четири гола. На спротивната страна десет гола постигна Омар Јахија, а Шипжак реализираше шест пати.








