ПСЖ го спушти Киелце на земја, Барса пресилна за Митревски и Порто

Екипата на Пари Сен Жермен одигра одличен натпревар на домашен терен и успеа да слави над полскиот првак Киелце (32-27), па така, францускиот тим и Веспрем ја намалија разликата со лидерот во групата Б од Лигата на шампионите.

Избраниците на Раул Гонзалез до посакуваниот резултат дојдоа со доброто второ полувреме. Талант Душебаев ја имаше поставено добро играта во Париз во првото полувреме по кое резултатот гласеше 16-14, но разликата се создаде со три мини-серии од по два гола на „светците“ во второто полувреме.

По овој неуспех на Киелце, дојде крајот на победничката серија во елитата која броеше седум натпревари во низа. Хансен стрелаше седум пати, Ремили имаше шест, а Шипжак пет гола, додека кај полскиот тим Нахи и Сичко дадоа по пет гола.

Никола Митревски и Порто не можеа да направат многу со Барселона и потклекнаа во „Палау Блауграна“ (38-31). Португалскиот шампион уште од почетокот тргна лошо затоа што му дозволи на противникот да направи серија од 4-0, па константно беше во негатива. 

Феноменален кај Барса беше Гомез со 12 гола, пред Лука Циндриќ со седум реализации, додека кај Порто, Магаљаес постигна девет погодока, а Никола Митревски фати четири топки. Барса сега на контото има 11 бода, додека Порто е седми со пет, два помалку од Флензбург кој е пред него и е на првата позиција која носи нокаут-рунда.