„Првпат ќе ни биде тешко да обезбедиме Ф4 на СЕХА“

Вечните ривали ППД Загреб и Вардар се избегнаа во ждрепката за групната фаза на СЕХА лигата за сезоната 2019/20. Сепак, тоа не значи дека „плинарите“ нема да пристигнат во Македонија, бидејќи нивни ривал во групата Б е Еурофарм Работник.

Спортскиот директор на поранешниот европски првак, Божидар Јовиќ е одушевен од јакнењето на лигата.

„Драго ми е што СЕХА е уште посилна и посилна. Објективно, првпат откако играме во оваа лига ќе биде тешко да се влезе на „фајнал-фор“. Нам оваа сезона ни е пробна за она што следи во Лигата на шампионите 2020 година. За таа професионална Лига на шампионите убеден сум дека ќе бидеме конкурентни на Барса и ПСЖ. Можеби не финансиски, но сигурно играчки“, вели Јовиќ.

Пет екипи од СЕХА лигата ќе играат и во Лигата на шампионите, што го прави регионалното натпреварување најсилно во Европа.

„Што да кажам за лигата во која ќе играат финалистите од последната Лига на шампиони. Сите клубови значително се засилија. Ние доведовме пет нови ракометари, но најмногу ќе ни недостига Буторац, кој беше еден од најдобрите леви бекови во лигата. Треба да се намачите да ги победите во гости сите ривали, па и Металопластика во Шабац и Кинезите во Загреб“, заврши Јовиќ.

Календарот за новата СЕХА лига ќе биде познат наскоро, а првото коло е закажано за 3 и 4 септември. Завршниот турнир е планиран за април 2020 година.