• Горан Упале
Екипата на Еурофарм Пелистер ја запиша првата победа во сезоната во Европската лигата, откако во својот дом „Боро Чурлевски“ со 33-26 (20-14) славеше убедливо на дуелот со словенечкиот тим на Тримо Требње.
Битолските ракометари одлично се справија со притисокот и стресот кои им беа на грб по серијата неуспеси, а најавените промени на стратегот Жељко Бабиќ веднаш вродија со плод и Еурофарм Пелистер заслужено ги грабна првите бодови во сезоната во новото натпреварување на EХФ.
За разлика од гостинските натпревари, во кои патуваше со двајца кружни напаѓачи, хрватскиот стратег и за вториот натпревар во Битола се реши да засилување на оваа позиција, па повторно во својот тим го имаше Елмир Граџан, додека на трибини остана искусното лево крило Гоце Ојлески.
Благојче Трајкоски доби предност меѓу стативите во однос на капитенот Чаневски, додека организацијата на играта му припадна на Танкоски, пред Периќ. Во воведните минути главна ѕвезда на пелистерци беше Стипе Мандалиниќ, кој со двата гола во низа возвраќаше на погодоците на гостите, а Трајкоски со својата прва интервенција, која повторно беше атрактивна, отвори простор за своите соиграчи да стигнат до прво водство. Тоа го искористи Маџовски со својот прв гол за предност на домаќините од 5-4.
Вечерва, Мандалиниќ како да беше екстра-мотивиран за надигрување и продолжи да го решета гостинскиот гол, а во моментите кога Чаневски одбрани пенал, а Кушан и Периќ погодија за прво водство на пелистерци од два гола разлика (10-8). Брзата транзиција на Тримо повторно ѝ правеше многу проблеми на домашната одбрана, но кога беше најпотребно се разбрани Чаневски, а на спротивната страна сигурни реализатори беа Мандалиниќ, Кушан и Костески, па Еурофарм Пелистер на полувреме замина со позитива од шест гола разлика (20-14).
Хрватскиот лев бек со седум гола беше најдобар поединец по првите 30 минути, четири постигна Кушан, а Маџовски три. Кај гостите Расо имаше четири, а Гал постигна еден погодок помалку.
Пелистерци одлично го отворија и вториот дел и имаа одговор за секој удар на гостите, па по првите 10 минути во продолжението немаше никакви резултатски промени, затоа што позитивата од шест гола сè уште беше активна (23-17). Младиот Костески одлично ги користеше своите шанси и двапати реализираше од контра, а по атрактивниот лоб на Маџовски за прво водство на Пелистер од седум гола, Зорман немаше друго решение и мораше да повика тајм-аут и да ги одмори своите ракометари. Но, ниту советите на младиот словенечки стратег не вродија со плод, затоа што домаќините продолжија да играат ефикасно и атрактивно, па по „цепелинот“ на Периќ и Велковски, предноста се искачи на максимални плус осум (27-19).
Ништо не се промени ниту во последните десет минути. Еурофарм Пелистер искусно го чуваше водството и не дозволи во ниту еден момент гостите да се разиграат и да се вратат во игра, а тоа донесе заслужена победа од 33-26. Мандалиниќ со единаесет гола, беше нерешлива енигма за гостите и најпрецизен на натпреварот, додека солидна партии имаа уште Кушан шест, а Маџовски и Граџан впишаа по четири погодоци.
За битолскиот клуб вечерашниот меч беше последен за 2020 година, која сигурно посакува што побрзо да ја заборави. Во овие 12 месеци одигра само шест натпревари (три во гости и три на свој терен) и запиша две победи, а има и едно реми и три порази.