Првиот човек на РФМ се обрати на отворањето на Светското првенство во Скопје

Македонскиот главен град Скопје е организатор и домаќин на Светското првенство за ракометарки до 20 години. В среда беше првиот натпреварувачки ден, се игра средби од утро до вечер, а централниот настан и свеченото отворање на првенството беше во СЦ „Борис Трајковски“ непосредно пред мечот на Македонија

Обраќање и говор пред почетокот на средбата имаше првиот човек на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов. Претседателот на федерацијата им посака среќа на учесниците на првенството.

„Им посакувам на сите одлично Светско првенство и многу среќа во битките во Скопје. Нека победи најдобрата репрезентација“, порача Мукаетов.

Македонија на Светското првенство за јуниорки тргна со убедлива победа над Соединетите Американски Држави од 32-15. Во нашата група Х која се игра во СЦ „Борис Трајковски“ се уште Исланд со кој се игра в петок, како и Ангола против која девојките играат в недела.