• Редакција Gol.mk

Со завршната манифестација во понеделникот, првакот Еурофарм Пелистер ги заврши активностите за сезоната 2023/24. Битолскиот клуб ги дефинира последните детали околу начинот на подготовки и играчкиот кадар за следната сезона.
Бранислав Ангеловски ги најави најважните дати во летниот период.
„Подготовките за новата сезона ќе ги започнеме на 24 јули, дефиниран ни е планот на припреми и турнирите на кои што ќе играме. Немаме потврда во кое европско натпреварување ќе настапуваме, па потоа ќе перфекционираме. Сакам да ја потенцирам професионалноста на нашиот организационен тим, претседателот и спонзорите. Со ваква обединетост верувам дека следната сезона ќе се радуваме на три титули. Не се криеме, ги сакаме сите домашни титули и првпат во историјата на нашиот клуб да врземе три шампионски титули по ред“, рече тренерот на шампионот.
Спортскиот директор Звонко Шундовски зборуваше за ростерот и засилувањата.
„Конструираме посилен Еурофарм Пелистер за следната сезона. Веќе го имаме ростерот спремен околу 80-90% и во следните денови ќе ги објавиме нашите следни чекори. Можам да потврдам дека доаѓаат два искусни голмани, репрезентативци на своите земји, Никола Митревски и Филип Ивиќ. Ќе продолжиме договори со важни ракометари во ростерот од оваа земја и наскоро ќе објавиме кои се нашите нови членови на позициите кружен напаѓач и десен бек.
Сакам да ги поздравам и навивачите, наскоро ќе очекуваат промени и во изгледот на дресот. Брендот остамнува ист, но зелениот и синиот дрес ќе претрпат нов дизајн. Се надевам дека тоа на нашата армија навивачи ќе им се допадне“, заврши Шундовски.
До овој момент Еурофарм Пелистер се засили со Хрватите Цикетиќ и Ивиќ и повратникот Митревски. Продолжени беа договорите со Цехте и Радивојевиќ.