Прв пораз за младинците на ЕП, Французите пресилни за Македонија

Македонската ракометна репрезентација за играчи до 20 години го претрпе првиот пораз на Европското првенство, откако загуби од фаворитот Франција со 18-25 (10-12). Овој неуспех не менува многу, бидејќи Македонија веќе имаше обезбедено второ место во групата и ќе разигрува за пласман од 9. до 12. место на турнирот. 

„Триколорите“ отворија добро со два гола (0-2), а на тоа нашите момци имаа одговор и направија пресврт (4-2). Некое време Македонија имаше водство, во два наврати со по два гола, а потоа пред полувремето се кренаа Французите. Иако не се одлепија и се играше егал до самиот крај, на одмор се замина со наша негатива од 10-12. 

Отворањето на продолжението беше подобро за противникот кој почна да гради предност. Со серија од 9-3 Франција направи висока позитива и оттогаш играше рутински до победата. На крајот, Македонија загуби со најголемата негатива на мечот од седум гола. Во таборот на Македонија четири ракометари имаа по три погодоци, а тоа беа Калајџиески, Митев, Белистојановски и Стојановски. 

Во полуфиналниот плеј-оф за пласман Македонија го чека својот противник и ќе игра со првопласираната селекција од групата 2. Во моментов на тоа место е Унгарија која има 4 бода, а во игра за првата позиција се Хрватска и Словенија.