• Иван Димовски
Ракометарките на Франција славеа во дербито на последното коло од главната фаза на Европското првенство против домашната селекција Унгарија со 27-30 (13-13). Ова беше прв пораз за домаќинките, а на теренот на „Фоникс Арената“ во Дебрецен гостите дојдоа до својата цел - првото место во групата.
Одлично Французинките отворија, поведоа со 0-4 и се чекаше на реакција на ривалите. Одговорот беше враќање до 3-5, но гостинската селекција се одржуваше во предност и уште во два наврати водеше со четири гола(3-7 и 6-10). Успеа Унгарија да се консолидира во финишот на полувремето, се врати до егал со неколку мини серии и на одмор се замина со 13-13.
Слично тргна и второто полувреме, со три гола на „триколорките“ за 13-16. Оваа предност Франција успеваше да ја одбрани во текот на полувремето, до финишот разликата варираше меѓу два и три гола. Пред крајот гостинките стекнаа во неколку наврати повторно „плус четири“ и на крајот релативно лесно дојдоа до победата.
Поради првиот пораз на првенството Унгарија од второто место ќе патува во полуфиналето, а Франција го презеде врвот во групата.