Прв интернационален предизвик: Тоше Ончев се пресели во Франција

Младиот лев бек на Вардар, Тоше Ончев, кој беше на позајмица во составот на Пелистер во дел од минатата сезона, реализира трансфер во Франција. Станува збор за тимот Вернуј, каде игра поранешниот голман на Пелистер, Крис Н’кингуа, а своевремено таму настапуваше и Јосип Кежиќ, кој беше дел од Охрид.

Поради големата конкуренција на левата бековска позиција во шампионот Вардар, Ончев не добиваше голема минутажа во „црвено-црниот“ тим, па беше за очекување да оди во тим каде ќе има поголема шанса за игра. Ниту во Пелистер не се наигра, па сега среќата ќе си ја побара на друго место.

21-годишниот Ончев потекнува од тимот на Вардар Јуниор, додека минатата сезона беше дел од првиот тим на Вардар. Сезонава играше на дел од средбите во регионалната СЕХА лига и постигна повеќе голови, од кои еден беше избран за најубав во третото коло.