„Против Македонија ја воочив формата на ракометарките и добив одговори на сомнежите“

Женската ракометна селекција на Србија утре патува за Шпанија на ново учество на планетарен собир на најдобрите селекции на светот.

Подготовките за Светското првенство завршија, а истите беа крунисани со две победи на пријателските средби со нашата најдобра селекција. Пред заминувањето за Шпанија, селекторот Урош Брегар истакна дека е задоволен од прикажаната игра на своите избранички против Македонија.

„Ова е четврти собир откако ја преземам репрезентацијата. Во овој период многу го променивме и подмладивме тимот. Одработивме десет тренинзи и имавме два натпревари. На првиот натпревар со Македонија одигравме одлично во првото полувреме, додека во второто малку паднавме, бидејќи имавме многу ротации.

Вториот натпревар беше контролен, да видам во каква форма се девојките и добив одговори на некои сомнежи. Морам да ги пофалам сите девојки кои беа заедно на овие подготовки, сите беа многу професионални и тренираа на високо ниво. Знам дека им беше тешко, бидејќи направиме некои работи тоа се нови за нив, но јас сум многу задоволен“, рече Брегар.

Српските ракометари својот настап на Светското првенство го започнуваат в петок со натпревар против Полска, а потоа ќе се судрат уште со Камерун и Русија.