„Против Чеховски Медведи покажавме волја, желба и борбеност“

Металург продолжува со набиената агенда во Лигата на Европа и само еден ден по средбата со Чеховски Медведи, замина за Австрија, каде ги чека натпреварот од деветтото коло на групната фаза, против екипата на Фајверс. Ова ќе биде четврти натпревар во Лига Европа, за само девет дена за екипата на Оливер Димитриоски. 

„Во принцип знаеме ќе биде тешко. Видовме како беше во Скопје, одигравме нерешено, а тогаш бевме и комплетни. Но, сега одиме за Виена, можам да кажам дека не бевме комплетни многу време. Што корона, репрезентација, па некои позитивни некои не, едвај да одработивме неколку тренинзи комплетни. Но, еве покажавме против Чеховски Медведи дека со повеќе волја и желба и борбеност дека можеме да се носиме со сите. 

Многу играчи, јас меѓу нив, се најдовме во ситуација да играме и напад и одбрана, што можеби никогаш и не сме го играле. Но, за сите особено за младите ова е големо искуство. А натпреварот ќе покаже што ќе биде. 

Јас сум супер, излегов од изолација, се договорив со тренерот ако не се чувствувам добро да излезам, но засега е се добро. Јас и додека бев во изолација се обидов да тренирав сам, така што засега е добро“, вели средниот бек Тарабокија.

Металург и на оваа средба ќе настапи ослабен, бидејќи во тимот ќе ги нема Златко Хорват, Милан Лазаревски, Велко Маркоски и Теодор Тодески.