Промис: Бевме нервозни, Македонија ни создаде многу проблеми во финишот

Полската репрезентативка, Анета Промис, во разговор со домашните медиуми изјави дека била многу нервозна после квалификацискиот натпревар со Македонија и најави голема борба на реваншот во Битола. 

Македонските ракометарки успеаја во финишот да стигнат до попристоен пораз со конечни 22-18, а Полјачките жалат за овој епилог и сметаат дека квалитетот е на нивната страна. 

„Мислам дека можеме и мораме да се пласираме на Европското првенство. Се надевам дека нема да бидеме нервозни како во финишот на првиот меч. Не сакаме тензична завршница, требаше да победиме со поголема разлика и се срамам од нашиот пристап на крајот. 

Бев нервозна поради резултатот, сметам дека тој не е вистински приказ за случувањата на теренот. Атмосферата во нашиот тим е прекрасна, се надевам дека ќе се прикажеме во одлично светло на реваншот“, рече Промис. 

Реваншот помеѓу Македонија и Полска ќе се одигра на дванаесетти април во салата „Боро Чурлески“ во Битола. Почетокот е закажан за 19:00 часот.  

Фото/Foto: Paweł Bejnarowicz / ZPRP