Промена на ЕХФ шампионатот, Македонија доби нова група

Репрезентацијата на Македонија во ракомет до 20 години ова лето ја очекува настап на ЕХФ шампионатот во Бугарија. 

Иако веќе беше извлечена ждрепката и формирани групите за натпреварувањето, дојде до промени и Македонија наместо во групата А, ќе настапи во Б конкуренцијата. Според првичниот план, македонските млади ракометари требаше да се судрат со Обединетото Кралство, Грција, Луксембург, Литванија и Израел, што ќе беше релативно полесна група. 

Сепак, бидејќи Белорусија беше исклучена од натпреварувањето, Македонија ќе го заземе нејзиното место во групата Б, каде што имаше еден претставник помалку. Сега, ривали на нашата селекција ќе бидат Швајцарија, Романија, Украина и Косово, што е за нијанса потешка конкуренција. 

Овој ЕХФ шампионат нуди можност со негово освојување да се дојде до место на Светското првенство кое во 2023 се игра во Германија и Грција. Од друга страна, пласман и пораз во финалето носи бараж за Мундијалот за младинци. 

Бугарија ќе биде домаќин на овој турнир од 16 до 24 јули.